Најдобрата ракометна репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот во арената во Вараждин ќе го одигра вториот натпревар на Мундијалот во 2025 година.

Во 2 коло од групата Д противник на црвено жолтите е брзата и незгодна селекција на Холандија.

По одличното издание против фаворизираната Унгарија, избраниците на Лазаров и вечерва ќе се сретан со селекција која ќе ја има улогата на фаворит. Но нашите ракометари на премиерата покажаа дека со поддршка од македонската навивачка фаланга, која е се побројна во Вараждин можат рамноправно да играат и против репрезенатциите од врвот на европскиот и светски ракомет.

За добар и позитивен резултат избраниците на Лазаров и вечерва ќе треба да го повторат изданието од мечот против Унгарија, посебно во одбраната.

Цврстата, подвижна и агресивна одбрана посебно над организаторот на холандската игра бекот на ПСЖ Лук Стајнс е клучот за успех против брзата Холандија.

Дуелот во Вараждин ќе биде и можност за поправање на впечатокот од натпреварот на СП во 2023 од Краков кога бевме поразени со убедливи 34-24.

Во првиот меч од групата Д пред два дена Холандија лесно и убедливо со 40-23 го декласираше дебитантот Гвинеја.