Педесет и седумгодишниот Миле М. од Железник ненадејно почина во саботата од срцев удар на свадбата на неговата ќерка. Таткото на невестата паднал на подиумот пред музичарите кога им дал пари за песна што сакал да ја посвети на својата ќерка и зетот, објавуваат српските медиуми.
Како што се дознава, гостите на свадбата кои дотогаш се веселеле, одеднаш останале без зборови. Музичарите престанале да свират, а од толпата се слушале врисоци. Според гостите, еден од присутните на венчавката, лекар, веднаш започнал со реанимација на човекот.
– Тимот на брза помош пристигна брзо, но срцевиот удар беше толку силен што несреќниот човек не можеше да се спаси. Страшната сцена се случуваше пред неговата бремена ќерка. Беше страшно. Нејзе и’ се слоши и веднаш беше префрлена во болница. Таа има ризична бременост.Се надевам дека се’ ќе биде добро, нагласува еден од гостите на венчавката, пишува српски Курир.
Како што се наведува, венчавката веднаш била прекината, а гостите ја напуштиле свадбената сала во населбата Ледине, наместо среќни и весели, скршени од болка и со солзи во очите.
Трагедијата се случила во објектот на Милинко Нешовиќ. Тој раскажа што се случило тој кобен ден. Вели дека венчавката започнала сосема нормално, како и сите други, кои ги организирал со години.
– Во еден момент, додека траеше послужувањето и се чекаше невестинската торта, таткото им пријде на музичарите и само одеднаш падна пред нив. Ми кажаа дека сакал да нарача песна за својата ќерка. Веднаш еден од присутните се обиде да му даде прва помош и да го реанимира, брза помош дојде, но за жал немаше спас. На невестата и се слоши и веднаш беше префрлена во болница. Се разбира, свадбата не продолжи и гостите се разотидоа. Јас навистина немам коментар за вакво нешто, верувајте, и јас бев шокиран од се што се случи, вели Нешовиќ.
Милинко додава дека нешто слично никогаш не му се случило.