Тренерот на црногорскиот фудбалскиот клуб Будуќност, Иван Брновиќ, поднел пријава против непознато лице за закани со киднапирање на неговата ќерка, пренесува порталот РТЦГ.

Некој му се заканил на Брновиќ дека ќе му ја фрлат ќерката во река ако не донесе 20.000 евра, што за среќа не се случило бидејќи девојчето цело време била на безбеднаа локација. Непознати лица сакале да го заплашат тренерот со закани за да му го направат животот во Будуќност уште понеподнослив. Заканата е испратена до Брновиќ по тренингот во четвртокот, кога тој требаше да се сретне со навивачите односно со водачите на навивачките групи.

Состанокот не се случил поради закани, а тоа не е единствениот скандал кој во последните денови го стави Будуќност во центарот на вниманието. Во регионот кружат снимки на кои се гледа како голманот Ѓорѓије Павличиќ по мечот со Сутјеска физички го напаѓа својот соиграч Игор Ивановиќ и го соборува на земја. Павличиќ е суспендиран на три месеци, а суспендиран е и капитенот Петар Грбиќ бидејќи бурно реагирал на одлуката на тренерот да не го вклучи во играта на крајот од споменатиот меч со Сутјеска (2-2).

„Варвари“, група навивачи на Будуќност, прво ги прозиваа играчите додека беа на теренот, а подоцна упаднаа во соблекувалните и ја искршија опремата.