Австралиските браќа Џејк (30) и Калум Робинсон (33) и Американецот Џек Картер Роуд (30) исчезнаа во Мексико, во државата Долна Калифорнија, а мексиканските власти сега објавија дека во таа област пронашле четири тела.

Во градот Санто Томас, северозападно од Долна Калифорнија, пронајдени се првите три тела, а потоа уште едно, но тие се уште не се идентификувани, објави ФБИ.

Се верува дека меѓу нив се и телата на браќата Робинсон и Картер Роуд, кои исчезнаа на 27 април 2024 година и дојдоа во Мексико да сурфаат во близина на популарниот туристички град Енсенада.

Канцеларијата на јавниот обвинител на мексиканската држава Долна Калифорнија соопшти дека форензичарите ќе ги анализираат телата за да утврдат дали станува збор за исчезнатите браќа.

„Многу, многу веројатно е тоа да се тие“, рече државниот обвинител на Долна Калифорнија, Марија Елена Андраде Рамирез.

„Телата почнаа да се распаѓаат. Затоа мораме да направиме генетски тестови“, додал Андраде Рамирез, пренесува Би-би-си.

Во четвртокот, мексиканската полиција испрашуваше една жена и двајца мажи во врска со нивното исчезнување. Сан Диего Трибјун пишува дека сослушуваната жена има 23 години и дека полицијата пронашла дрога и телефон со фотографија на еден од исчезнатите туристи.

Претходно беа пронајдени и напуштени шатори, телефон и опожарен бел пикап, кои се поврзани со исчезнатата тројка.

Долна Калифорнија е популарна дестинација меѓу американските туристи и сурфери, иако е една од најнасилните држави во Мексико, каде вообичаени се насилните војни меѓу ривалските банди за шверц на дрога.

Браќата Робинсон и Картер Роуд на социјалните мрежи објавија фотографии и видеа од нивното патување во Мексико, а последната објава беше на 27 април и тој ден не се вратија во сместувањето каде што престојуваа.

Државниот обвинител на Долна Калифорнија во петокот потврди дека по пронаоѓањето на три тела, локалните власти пронашле и четврто.

Сите четири тела се пронајдени во бунар покрај познатото дружилиште за сурфери наречено Ла Бокана.

Мексиканските власти го идентификуваа четвртиот починат како сопственик на ранчот кој беше пријавен за исчезнат пред две недели. Тој бил сопственик на имотот каде што биле пронајдени телата, пренесува NY Post.

Инаку, браќата Робинсон патуваа низ светот и посетија локации интересни за сурферите. Минатата година ја посетија и Хрватска – беа во Плитвице и на Јадранот.