Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против мајка осомничена за кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“.
Осомничената, како што соопшти денеска Јавното обвинителство, иако била должна да ја издржува и да се грижи за животот и здравјето на нејзината четиригодишна ќерка, грубо ја запоставила својата родителска должност за грижа и воспитување, ја запуштила и дозволила детето да се оддаде на питачење, што штетно влијаело на неговиот развој, здравје и лична безбедност. Поради тоа настапило тешко нарушување на здравјето на детето, кое во тешка здравствена состојба на 17 јануари годинава било најпрво примено во ЈЗУ Општа болница Струмица, а потоа хоспитализирано на Клиниката за детски болести во Скопје.
Според КЗ, на мајката ѝ се заканува казна затвор од најмалку 10 години.