Покрај двете фотографии кои утрово ги објави италијанската државна новинска агенција АНСА од трагичната сообраќајка во која загинаа три момчиња од Македонија, италијанскиот канал Sky TG24 објави уште една фотографија која покажува колку била страшна сообраќајката која синоќа се случи во близина на италијанскиот град Асти, кој се наоѓа на околу 55 километри источно од Торино.
Андреј Китанов, Златко Стоиловски и Влатко Илиев се момчињата кои вчера вечерта во Италија во сообраќајна незгода ги загубија животите. Андреј и Златко се од Македонска Каменица, додека Влатко е од виничкото село Пекљани. Влатко е татко на две малолетни дечиња и во Италија доаѓал на привремена работа. Тој пред две недели заминал да работи сезонски.
-Така правеше, повремено, сезонски доаѓаше. Беше добро дете, израснал како сирак, заедно со неговите две сестри. Потоа се оженил и неговото семејство живее во Македонија, а тој доага само за работа и се враќа, рекле за „ММС.мк“ негови познати. Братучед на Андреј, пак, рекол дека ним од полиција им се јавиле уште ноќеска и дека заедно со вујковците на Андреј, кои исто така живеат во Италија, биле на местото на несреќата.
„Андреј ми е братучед, ама како брат да ми е, во Италија сме заедно. Тој е единствено дете на родителите. Се видовме пред една недела, бидејќи не живееме во ист град, јас сум во Алба, а тој во Асти. Но, често се гледавме. Андреј има и тројца вујковци тука. Не знам дали тетин ми и тетка ми ќе ја преживеат оваа загуба. Страдаа без него што дојде во Италија и ги остави сами, ама тој сакаше да работи во Италија. Златно дете беше, на сите помагаше и беше многу вреден. Како ангел. Сам дојде, сам се снајде, сам створи се и автомобил и мотор купи и куќата на мајка му и татко му ја среди. Ние веќе во семејството имавме една трагедија, загина мојот брат во сообраќајка во Македонска Каменица, а сега и Андреј. Многу трагедии не задесија во семејството“ – рече братучед му Стоичко Стоиловски.
„Овде секогаш на празници се случува трагедија, тоа е страшно нешто. Златко што го возел автомобилот има брат, заедно се во Италија и е прекрасно момче. Воопшто не пие алкохол и алкохолот не е причина за сообраќајката. Само има лоша кривина. Немало никакво кочење ниту од колата кај што биле нашите, ниту, пак, од комбето што го возело другото момче, кое е по потекло од Мароко. После долг прав пат доаѓа кривина од 90 степени. Кај што беше сообраќајката, јас работев на таа кривина, тука многу сообраќајки се случуваат. Андреј, Златко и Влатко тргнале да излегуваат, и воопшто не биле под дејство алкохол, како што некаде прочитав. За Влатко не знам, но Андреј и Златко не се женети, над 10 години се во Италија, работеа на одржување на патишта“ – вели братучедот.
Покрај двете фотографии кои утрово ги објави италијанската државна новинска агенција АНСА од трагичната сообраќајка во која загинаа три момчиња од Македонија, италијанскиот канал Sky TG24 објави уште една фотографија која покажува колку била страшна сообраќајката која синоќа се случи во близина на италијанскиот град Асти.
Сосед на Андреј и Златко во Саса рекол дека Златко заминал со брат му заедно за Италија и дека е многу пристојно момче. И тој рече дека Златко, кој го возел автомобилот, воопшто не пие алкохол. Соседот на двете момчиња ни рече и дека утрово пред куќата на Андреј веќе пристигнала Брза помош.
„Брат ми за среќа е во Македонска Каменица, па утрово отиде со медицинска екипа да им кажат на тетка ми и тетин ми, на родителите на Андреја за трагедијата. Не знам како ќе го преживеат тоа“ рече братучедот на Андреј и објасни дека утре вечер во црквата „Св. Архангел Михаил“ во Ниеве ќе се направи молитва за сите тројца.
Советот на општина Македонска Каменица вечерва прогласи тридневна жалост, поради трагичниот настан кој вчера се случи во областа Пиемонт, Италија, каде во сообраќајна несреќа животот го загубија двајца жители од Македонска Каменица. Одлуката за прогласување на тридневна жалост во Општина Македонска Каменица беше донесена едногласно на вечерашната итна Седница на Советот на Општина Македонска Каменица.
– Македонска Каменица е завиена во црно. Македонска Каменица е во жалост. Згаснаа млади животи. Почитувани сограѓани, Советот на Општина Македонска Каменица изразува искрено и длабоко сочувство до фамилиите на трагично загинатите млади момчиња. Денес, Советот на Општина Македонска Каменица на Вонредна Седница едногласно донесе одлука да прогласи Тридневна Жалост во деновите 11, 12 и 13 Април 2023 година, Вторник, Среда и Четврток. Момчиња почивајте во мир, нека Ви е светол патот во вечноста. Секогаш ќе се сеќаваме на Вас, се вели во соопштението од каменичкиот Совет по повод прогласувањето на Тридневната жалост.
Оттаму додадоа дека по дополнителни консултации со службите во Општината ќе ја разгледаат можноста за одобрување на финансиски средства за семејствата на загинатите во трагичниот настан.
Во сообраќајната несреќа која синоќа се случи во близина на италијанскиот град Асти, како што претходно потврдија од Министерството за надворешни работи, животот го загубија тројца македонските државјани З.С. – 33 години од Македонска Каменица, А.К. – 31 година од селото Саса, како и В.И. – 30 години од село Пекљани, Виничко.