Хазби Каба, државјанин на Албанија, влегол во затворот Идризово во август 2020 година каде требало да помине 7 години откако е осуден за трговија со дрога. Набрзо се разболел од канцер, а болеста земала замав. Според податоците од повеќе институции, вака течеле неговите последни 40-ина дена, објавува во својата сторија порталот 360 степени.
5 ноември, 2021 година. Затвореникот Хазби Каба, болен од карцином во терминална фаза, поднесува барање за прекин на издржување на казната затвор.
8 ноември, 2021 година. Барањето, преку неговиот бранител, е испратено до судија за извршување санкции во Кривичниот суд во Скопје.
10 ноември, 2021 година. Барање од Каба стигнува и до Управата за извршување на санкции. Тие се обраќаат до Здравствен дом Скопје за да ги добијат медицинските податоци за лицето.
22 ноември, 2021 година. Барањето испратено до судот стигнува на мислење во обвинителството. Веќе следниот ден, надлежниот обвинител изготвува негативно мислење. Образложението е дека медицинската документација била поднесена како незаверена фотокопија.
6 декември 2021 година. Стигнува документацијата, односно мислењето на затворскиот доктор.
7 декември 2021 година. Судијата за извршување санкции го ослободува Каба на три месеци, но тој не може да излезе од затвор додека решението не стане правосилно.
9 декември 2021 година. Обвинителството се жали на одлуката на судот, бидејќи во решението недостасувале суштествени факти – каде и кога треба да се лекува осуденикот, дали тој воопшто има термин за лекување и операција.
19 декември 2021 година. Чекајќи конечна одлука за барањето поднесено пред 40 дена, Каба умира во својата ќелија во Идризово.
Од Управата за извршување на санкции, која е надлежна за затворите, не чувствуваат одговорност што Каба не дочекал да почине дома. Велат дека тие од почеток биле согласни да биде пуштен од затвор.
„Не знам дали има застој во одлуката. Знам дека ние на време сме ги доставиле тие податоци и, според моите информации конкретно за ова лице, му е одобрен прекин на 7 декември. Му е одреден прекин на казна во период од 3 месеци до 7 март за лекување, меѓутоа по жалба на обвинителството, бидејќи станува збор за странски државјанин, тоа лице не е пуштено на прекин и, за жал, настануваат смртни последици во казнено поправен дом“ вели Спасовски.
Прашавме во обвинителството – зошто се жалеле на првичната одлука на судот да го пушти Каба? Ни одговорија дека уште кога судот им побарал мислење пред првостепената пресуда, реагирале дека медицинската документација е незаверена фотокопија, спротивно на праксата на Врховниот суд.
А по решението на судијата да го пушти Каба, се жалеле од повеќе причини.
„Судот не дал образложение зошто определил прекин на казната во толкав временски период, без прибавено лекарско мислење за тоа кога би се направил оперативниот зафат и колкав период е потребен за опоравување на пациентот … Во решението не е наведено каде и кога треба да се лекува осудениот … особено, ако се има предвид дека осудениот е странски државјанин кој нема здравствено осигурување во нашата земја“ се вели во одговорот од Јавното Обвинителство на РСМ.
Бидејќи и обвинителството не смета дека направило пропуст, се обративме со слични прашања до судот – дали сметаат дека кај нив има пропусти во брзината на водење на предметот?
Одговорот гласи – судот ги испочитувал сите рокови и нужни проверки. А работата, велат од Кривичен, можела да оди побрзо ако Управата го искористила правото да го ослободи Каба без решение на судот.
„Согласно член 225 од Законот за извршување санкции, директорот на казнено-поправната институција има право да донесе решение за прекин на
издржувањето на казната во траење од 30 дена заради причини наведени во
самиот член.Управата на казнено-поправната установа е директно запознаена со состојбата на нивното осудено лице и согласно горе наведениот член, можела да донесе решение со оглед на итноста на постапката“. се вели во одговорот на Кривичен Суд.
Директорот на Управата потврдува дека има таква можност, но објаснува и дека таа не можела да се примени на конкретниот случај.
„Бидејќи станува збор за странски државјанин, бидејќи истото тоа лице нема регулирано престој живеалиште, бидејќи истото тоа лице нема здравствена заштита, не е здравствен осигуреник тука во Република Северна Македонија, не смееме таква одлука да носиме и тука надлежен е Кривичен суд“ рече Спасовски.
Иако ниту една институција не гледа одговорност кај себе, здравиот разум вели дека 40 дена би требало да бидат доволни за човек, макар и затвореник, да добие право да почине дома. Каба веќе не е меѓу живите, но неговиот случај го оживеа прашањето за здравствената заштита во македонските затвори.
Директорот на надлежната Управа признава дека условите се незавидни, иако за случајот на Каба уверува дека е направено се што е возможно.
„Конкретно ова лице неколку пати е носено на здравствени прегледи, првпат му е извршена хируршка интервенција на одделението за пластична хирургија … Повторно кога бара од нас, односно дава мислење лекарската служба, го носиме на клиниката за урологија каде што, исто така, е хоспитализиран, исто така, му е извршена хируршка интервенција. Повторно отпуштен, носен е на редовни контроли, на редовни прегледи и прима редовна терапија во казнено-поправниот дом“ рече Спасовски.
Случајот Каба го следи и народниот правобранител, од кого Каба побарал помош по електронска пошта уште на 5 ноември. Омбудсманот Насер Зибери вели дека му одговориле и побарале да биде поконкретен за што бара помош, за да одредат соодветно лице.
„По 2 недели откако не добивме одговор, тогаш контактиравме со директорот на затворот да ни даде информации за предметниот случај“ вели Зибери.
И Зибери бил запознаен дека Каба бил лекуван и во затворот и по скопските клиники. Но, кај него останува генералниот заклучок дека проблемот со здравствената заштита во казнено-поправните установи е алармантен.
Во моментов, надлежноста за здравствената заштита во затворите е под капата на Министерството за здравство, а Зибери вели дека состојбата не се подобрува и покрај неговите препораки.
„Во овие 2 месеци направивме 2 посети на сите затвори.Извештаи од двата сектора се речиси идентични дека состојбата во сегментот на здравствена заштита на затворениците, лицата кои издржуваат казна не е завидна, а во некои болници е дури и крајно лоша, не се прават редовни контроли, особено психијатриски прегледи кои се задолжителни како во случајот на прием на лица на кои им е изречена казна затвор како и систематско следење на нивната состојба, да не зборуваме за стоматолошки медицински третман“ рече Зибери.