Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, возејќи велосипед во саботата, си ги искршил двете раце, кои сега му се во гипс.
За срерќа, тој сега се чувствува подобро, и вели дека му следува период на рехабилитација, по што со уште позабрзано темпо ќе се врати на своите обврски во Фондот.
Петров денеска на својот фејсбук профил објави фотографија со двајцата доктори кои најмногу му помогнале во тешките моменти, д-р Александар Трајановски и д-р Александар Савески, до кои изрази голема благодарност, исто како и до сите кои му помогнале кога ја доживеал несреќата.
„Минатата сабота утринското возење велосипед спектакуларно заврши со скршеници на двете раце. Голема благодарност до сите што ми помогнаа на Кеј и чекаа со мене додека дојде брзата помош, особено Перо Камиказа.
Најголема благодарност до персоналот на Клиниките за траума и ортопедија, особено до Др. Александар Трајановски и Др. Александар Савески, за грижата и посветеноста. Сега следува период на рехабилитација и одмор, а за неколку недели продолжуваме со уште по забрзано темпо“, напиша Петров на својот фејсбук профил.