Пресуда во корист на маж од Демир Капија, кој на комшиката и го изорал и испрскал лозјето, а исто така и позајмил и 13.000 денари, но таа ниту му ја платила услугата, ниту пак му ја вратила позајмицата, донесе Основниот суд Неготино.

Иако станува збор за не многу висока сума на пари, односно за 23.200 денари, сепак револтираниот комшија се решил по правен пат да си ги добие назад парите кои комшиката подолго време не му ги давала.

Како што е истакнато во судската пресуда објавена на официјалната страница на судот, тужителот и тужената, освен што биле соседи, долго време биле и пријатели.

Таа имала три декари лозов насад, а од комшијата побарала да изврши земјоделски работи – Три орања за 3.600 денари, три прскања за 3.000 денари и три дневници за извршени земјоделски работи за 3.600 денари, односно вкупно 10.200 денари.
Таа дури и побарала од него да и позајми 13.000 денари, и му ветила дека ќе му го врати долгот откако ќе земе пари од предаденото грозје, најдоцна до септември 2024 година.

-Откако изминал рокот, односно откако тужената го обрала и продала грозјето, тужителот предходно неколку пати ја посетувал тужената и барал да му ги исплати паричните средства и по основ на извршени земјоделски помошни работи и по основ на дадена позајмица, а се во
вкупен износ од 23.200,00 денари, во договорениот краен рок 30.09.2024
година, но тужената не го сторила тоа.

Тужителот до тужената поднел и
опомена пред тужба, но тужената не го исплатила долгот, наведено е во судската објава по повод случајот.

-Бидејки тужената не ја исполнила својата обврска, судот согласно чл.266-а од ЗОО ја задолжи покрај главниот долг на тужителот да му исплати и законска казнена камата, сметано од првиот ден по доспевање
на обврската за исплаќање на паричниот износ, па се до денот на конечната исплата, пресудил неготинскиот суд.

Упорниот комшија ги добил своите 380 евра, а случајот предизвикува внимание, бидејќи ретко кога граѓаните се решаваат по судски пат да си ги бараат назад парите од должници, кога станува збор за помала сума на средства, сакајќи да се поштедат од малтретирање и губење време низ административните ходници.