Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во изјава за медиумите рече дека доколку премиерот Зоран Заев не ја достави оставката до Собранието, новото парламентарно мнозинство ќе изгласа недоверба на Владата.
-Ја очекуваме оставката на Зоран Заев којашто ја најави. Доколку тоа не се случи тогаш ќе поднесеме постапка со којашто ќе се изгласа недоверба на оваа Влада којашто ја предводи Зоран Заев. Ако ја достави господинот Заев утре оставката понатаму мислам дека има законски рокови, процедорални, уставни одредби во коишто има десетина дена претседателот да го даде мандатот, па потоа дваесетина дена приговори. Очекувам дека во периодот што следи ќе се обидеме да создадеме ново владино мнозинство, рече Мицкоски.
Не сакаше да открие дали ова ново мнозинство ќе значи и формирање на нова Влада или предвремени парламентарни избори. Рече дека и двете опции се во игра.
-Сите опции се во игра. И на таа прес-конференција јас споменав дека имаме две опции. Едната опција е да се окрупни опозицијата и да има ново мнозинство коешто ќе изгласа недоверба на Владата доколку, повторно ќе кажам – тактизира Зоран Заев со оставката. И второто е да одиме на брзи предвремени парламентарни избори. Така што, и двете опции се во игра, рече Мицкоски.