Првични сомнежи за вооружениот напад врз градоначалникот на Арачиново се поврзани со стара расправија со семејството Ајвази од селото, расправија која е поврзана со земјиште на влезот во Арачиново во близина на фудбалскиот стадион, тврдат за Телма, полициски извори.
Тројца членови на семејството Ајвази претходно веќе извршија „напад“ врз општинските канцеларии поради градоначалникот Ридван Ибраими, по што беше пријавено во полиција.
Денешниот напад заврши со едно сериозно повредено лице. Сведоци веќе посочиле дека еден од учесниците во нападот е и лицето Мурат Ајвази кој е осомничен за убиство извршено во 2007-ма и оттогаш е во „успешно“ бегство од полицијата и надлежните органи.
Бегалецот Ајвази во два наврати во 2010-тата и во 2011-тата имал и престрелки со полицијата која по дојава се обидела да го уапси во тој период. Додека бил во бегство извршил грабнување на малолетна девојка на влезот во Арачиново и се обидел да ја принуди на љубовна врска, но жртвата успеала да избега по 4 часа заложништво и малтретирање. За тоа дело Мурат Ајвази добил 10 месечна затворска казна.
Братот на Мурат Ајвази беше осуден и за убиство во Липковско извршено во 2010-та кога беа ранети уште две лица. Тогаш во судски процес обвинетиот тврдеше дека убиството не го сторил тој туку неговиот роднина Мурат Ајвази.
Сега името на Мурат Ајвази повторно се спомнува по денешниот инцидент за напад со автоматско оружје врз група во која бил и градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими.