40-годишната жена која учествуваше во несреќата со загинат пешак пред мостот Гоце Делчев во Скопје е префрлена во болница за да и се укаже помош поради стресот и вознемиреноста. Таа го управувала возилото БМВ со кумановски таблички.
Жената е мајка на жртва во сообраќајна несреќа, станува збор за мајка на малолетната тинејџерка Јелена Филиповиќ која загина во несреќа во Миладиновци пред две години во јануари.
Полицијата засега не објави детали за денешната несреќа, но се огласи обвинителството со првични сознанија.
– Првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобил марка БМВ со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот. По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата, стои во соопштението.
Обвинителството во своето прво соопштение не го спомнува ниту пешачкиот премин (зебрата) ниту пак второто возило (пик-ап) кое стоеше до преминот со запалени трепкачи.
Инспекторите го загледуваа и проверуваа и предниот дел на пик-апот дали има оштетувања на браникот. На коловозот имаше и остатоци од возило, но тие се од БМВ-то на 40-годишната кумановка, а станува збор за делови од долниот дел на овој автомобил.
Жената која управувала е мајка на тинејџерката Јелена Филиповиќ, која загина во тешка сообраќајна несреќа преклани на 14-ти јануари во скопско Миладиновци откако автомобил во кој седела девојката на задното седиште излета од патот.
Возачот кој ја предизвика несреќата ја призна вината и беше осуден на 7 и пол години затвор. Но, судскиот процес по признавањето на вината согласно ЗКП се одвиваше без изведување на докази, а семејството Филиповиќ оцени дека на тој начин се „покриваат“ сите грешки во истрагата за смртта на малолетната Јелена.
Случајот со Јелена Филиповиќ стана познат откако семејството објави билборд со нејзината слика пред комплексот судови во Скопје со порака „возев пијан и дрогиран и ја убив Јелена“.
Бизарен пресврт се случи кога тројца кумановци го откопаа гробот на Јелена на гробиштата во Куманово наводно барајќи злато покрај закопаните останки на девојката. Двајца од осквернавувачите биле на затворско отсуство од Идризово и беа најдени,а заедно со третиот се обвинети за кривично дело за кое минимална казна е 3 години затвор.
Мајката која денеска учествуваше во несреќата оцени дека откопувањето на гробот е порака и закана за неа и за семејството Филиповиќ,а претходно имаше пријавено и две други закани во кумановската полиција. Таткото на Јелена пак е обвинет за обид за платено убиство на возачот во чиј автомобил загина Јелена, неговиот татко и сопатничката која ја преживеа несреќата.
Семејството Филиповиќ и натаму се справува со последиците од смртта на својата ќерка, а трагедијата ја сметаат за убиство со прикривање на докази од страна на надлежните истражни институции.
Сега истите институции ќе ја истражуваат сообраќајната несреќа во која учесник е мајката Филиповиќ.