Дваесет и осумгодишен државјанин на Босна и Херцеговина загина во сообраќајна несреќа што се случила утрово на 5 август во 5 часот и 45 минути на државниот пат Д-8 во градот Баќина, во месноста Плоче во Хрватска, известија од дубровничко-неретванската полиција.

Сообраќајната несреќа се случила кога 59-годишен државјанин на Косово, движејќи се од правец на Сплит во правец на Дубровник, поради непрописна брзина изгубил контрола над патничкото возило со германски регистарски таблички што го управувал и излегувајќи од десна кривина, преминал на спротивната коловозна лента, а потоа и на делот за паркирање покрај коловозот.

Притоа удрил во 28-годишен државјанин на БиХ кој претходно застанал на споменатиот продолжеток покрај патот и стоел до своето возило со словенечки национални ознаки. Откако удрило во пешакот, возилото со германски регистарски таблички слетало во провалија на длабочина од околу два метри.

Од ударот, на местото на настанот починал 28-годишниот државјанин на Босна и Херцеговина, додека со полесни повреди се здобила сопатничка во неговото возило, 28-годишна жена, државјанин на Босна и Херцеговина, додека едногодишно дете кое исто така било во возилото останало неповредено.

Косовскиот државјанин кој ја предизвикал оваа сообраќајна несреќа се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во болница во Сплит каде е задржан на понатамошно лекување, а сопатници во неговото возило биле: 52-годишна жена, 23 годишник и 21-годишна жена, сите државјани на Косово, поминале без повреди.


Во текот на спроведената истрага од страна на полициски службеници сообраќајот на овој дел од Јадранската магистрала се одвивал наизменично по една коловозна лента, со регулирање на полициски службеници. Инаку, оваа делница од патот мештаните ја нарекуваат „кривина на смртта“.