Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, ја раскина свршувачката со Анамарија Голтес, потврди тој за ESPN. Извори блиски до двојката велат дека Дончиќ се бори за старателство над нивните две ќерки.

„Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и направив сè што можев за да бидат со мене во САД во текот на сезоната, но тоа не беше можно. Затоа неодамна донесов тешка одлука да ја раскинам свршувачката“, рече Дончиќ во изјава за ESPN. „Сè што правам, го правам за среќата на моите ќерки и секогаш ќе се борам да бидам со нив и да им го дадам најдобриот можен живот“, додаде тој.

Претходно во вторник, TMZ објави дека Голтес побарала од Дончиќ да плати алиментација и судски трошоци. Извори запознаени со ситуацијата велат дека барањето е поднесено во Калифорнија, каде што едната од ќерките поминала само три месеци со Дончиќ минатата пролет, додека другата никогаш не била во државата. Тие исто така велат дека Дончиќ „не знаел“ за барањето.

Истите извори додаваат дека Дончиќ, кој во август потпиша тригодишно продолжување на договорот со Лејкерси во вредност од околу 152 милиони евра, отсекогаш се грижел финансиски за своето семејство и ги покривал сите трошоци на своите ќерки без ограничувања.

Дончиќ и Голтес, модна и фитнес манекенка, се свршија во јули 2023 година, а се во врска од 2016 година. Тие ја добија својата прва ќерка, Габриела, во ноември 2023 година во Соединетите Држави, додека Дончиќ сè уште играше за Далас Маверикс. Нивното второ дете, ќерката Оливија, се роди во декември минатата година во Словенија, неколку месеци откако Дончиќ се приклучи на Лејкерси.