Има многу нераскажани приказни за Скопје, особено за она пред земјотресот што се случи на денешен ден во 1963 година.
Како ретко богатство нив ги чуваат старите скопјани, а несомнено еден од нив е Зоран Блажевски, алијас Зоки Малиот, познат скопски угостител и креатор на забавниот живот во градот, чие семејство веќе четврта генерација е родено и живее во Скопје.
Тој за весникот Нова Македонија меѓудругото ја раскажува и „Приказната за Перо Куфер“
Во деновите по земјотресот можеле да се слушнат многу тажни, но и приказни со среќен крај. Една од нив е за дебармаалецот Перо, кој по земјотресот го добил прекарот Куфер.
– Кога бев дете, за мене и моите другари кафеаната „Идадија“ беше центар на светот. Таму беа и месната заедница и општината, а имаше и сала за игранки. Таму нѐ носеа родителите на ќебапчиња во саботите и неделите. Кога малку се потсмирија состојбите и градот почна да пулсира со нов ритам, таму ја слушнав и приказната за Перо Куфер.
На 26 јули 1963 година тој требало да оди на службено патување во Белград и со себе носел голем куфер. Брзајќи, возот да не му избега, некаде кај „Бристол“, одејќи по калдрмата, пред да помине на другата страна на улицата, кај железничката станица, се сопнал на тротоарот, паднал, куферот му се отворил и сите алишта се разлетале.
Додека ги собирал, земјата почнала да се тресе, а железничката станица да се урива пред неговите очи. Куферот му го спасил животот, раскажа Зоки Малиот за Нова Македонија.