Нападот на руските воени сили врз Украина што почна во 3.55 часот утрово по македонско време однесе десетици животи досега, во ракетирања и гранатирања од руска страна, а според украинската војска, на непријателот му се нанесуваат сериозни штети.
Како што соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина, до 13 часот по киевско време, „руските окупациски сили“ извршиле повеќе од 30 напади со ракети „Калибр“, со повеќецевни ракетни фрлачи и напаѓале со воздухоплови и артилериски орудија, гаѓајќи и воени, но и цивилни цели.
Посебно силен продор околу пладне, со нови војници е направен на подрачјето на Херсон на Црното Море, каде украинските сили преземаат одбранбени дејствија.
Попладнево во воздушен напад од руската војска на украинска воена единица во селото Липецк, во регионот Одеса се убиени 18 луѓе.
Нападите продолжуваат при што, според претседателот на Украина, Володимир Зеленски, оружените сили на неговата земја одговараат на нападите во Донбас на истокот, но и во други делови.
Според украинската војска, досега се убиени околу 50 руски војници и соборени се шест руски летала, но засега нема независна потврда на тие тврдења, известува Би-Би-Си.
Според Врховниот командант на Вооружените сили на Украина Валериј Залужниј, украинската војска заробила двајца руски војници на моторизираниот пешадиски полк Јампол, а 4 руски тенкови се изгорени на обиколницата во Харкив.
Руски трупи напаѓаат во граничното подрачје во Житомирската област, а украинските сили влегле во битка.
Во зависност од ситуацијата, единиците на граничната стража се прераспоредуваат на резервни позиции и комуницират со Вооружените сили на Украина и Националната гарда.
„Непријателот не само што нападна гранични единици, туку и цели во градови на Украина. Главната цел е да се алармира јавноста и да се стават надвор од функција одредени воени инсталации и критична инфраструктура“, велат од украинската врховна команда.
Од руска страна пак порачаа дека нивното напредување се соочува со занемарлив отпор.
Во рускиот напад и копнена инвазија на речиси целата територија на Украина беа ракетирани или гаѓани со артилерија украински цели, од Краматорск на истокот на Украина, преку Харкив и Запориже кон Мариупол и Одеса на југот, на црноморскиот брег, до градот Ивано-Франкивск, близу границите со Романија и Словачка, преку Лутск кај словачката граница до главниот град Киев, кој е во релативна близина на границата со Белорусија, од каде што исто така имаше напади, соопштува Би-Би-Си.
Од Москва стигна и повик за преговори со државното раководство на Украина за неутрален статус на земјата и некористење оружја на својата територија – односно Украина да го положи оружјето.
„Претседателот (Путин) ја формулираше својата визија за тоа што што очекува од Украина за да се разреши концептуалниот проблем на „црвени линии“. Тоа е неутрален статус, тоа е отфрлање да се користат оружја. Прашањето е дали водството на Украина е подготвено за ова“, порача портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Офанзивата на Русија всушност почна со тоа утрово – Путин порача дека Украина мора да прифати неутрален статус и да се откаже од оружјето.