Познатиот македонски пејач, Давид Темелков, кој гради успешна кариера во Хрватска, a се почесто се јавува и како композитор и автор на текстови, но и како режисер на своите спотови, неодамна големиот празник 11 Октомври, на своите Македонци им го честиташе со новата песна „Мојата Македонија“. За неа е снимен и спот, всушност прекрасна разгледница за нашата земја и за нејзините убавини.
Темеков вели дека песната во него тлеела цели пет години и го чекала вистинското време да се појави. По многу непроспиени ноќи и некоја солза, која ќе капнела како тажачка, а на крајот се претворала во радосница се родила „Мојата Македонијa“, за која Давид ги напиша и текстот и музиката, а аражманот го направи со Александар Јовевски, кој во песната свири на кавал. Музички продуцент е Домагој Перишиќ.
– Долго те чував, а сега полетај слободно. Полетај далеку и кажи му на светот кои сме. Полетај далеку до работ на светот и допри ги сите наши, однеси љубов и окрепи ги оние на кои им е потребно, а не има многу. Полетај но врати се дома, дома припаѓаш. Летај песно моја за „Мојата Македонија“ – вели Давид Темелков.
Приказната да биде целосна и да добие своја видео приказна, се погрижи самиот Давид, кој патуваше низ Македонија и снимаше кадри за прекрасниот спот, кој самиот го режираше, а во монтажата му помогна Јосип Нинковиќ – Нинац.
– Драги мои, сите ние кои живееме во нашата татковина, како и сите оние кои се подалеку, а татковината ја носат во срце, како мене, ви ја подарувам „Мојата Македонија“. Оваа песна е подарок од Македонија за мене, и од мене за Македонија. Тука сум роден, тука сум пораснал, Македонија ме пораснала, и сѐ она што го носам во срцево за неа, за луѓето кои живеат во неа, го преточив во стих, го преточив во песна. Ти благодарам мајко. И сакам да напоменам, оваа песна и спот не се спонзорирани од ниедна политичка партија, ниту се дел од било каква политичка кампања. Оваа песна и служи ислучиво на Македонија, на сите нас, да не крепи кога сме слаби, да не крене штом ќе паднемe! – порача Темелков.
Мојата Македонија
Таму рано сонце изгрева
Таму сонце касно заоѓа
Кај што се на среќа мириса
Мириса на Македонија
Кај што се на среќа мириса
Мириса на Македонија
Таму Шара небо искина
Таму Вардар земја милува
Денот таму со песна почнува
Таму е мојата фамилија
Еј, што да кажам малку е
Срце в гради ќе ми распукне
А штом Тоше Зајди, зајди запее
Сите добро знаат кои сме
Еј, и да пеам малку е
Срце вели дома врати се
Има само еден лек за душава
Тоа е мојта Македонија
Таму пази што ли ветуваш
Таму секој на секој верува
Таму збор е вреден како грош
Еј, таму нема, нема човек лош
Таму збор е вреден како грош
Еј, таму нема, нема човек лош
Таму љубов сказна пишува
Со полни гради се се дишува
Со солзи мајка ме очекува
Таму песна болка лекува
Еј што да кажам малку е
Срце в гради ќе ми распукне
А штом Тоше Зајди, зајди запее
Сите добро знаат кои сме
Еј, и да пеам малку е
Срце вели дома врати се
Има само еден лек за душава
Тоа е мојта Македонија
Еј………
Ех да можете, но не можете
Со мои очи да ја видите
Би знаеле еј, колку сакам
Колку сакам дома да се вратам