Анти-коронавирус спрејот за нос, наречен „Еновид“, се покажа како многу ефикасен за време на тестирањето.

Тоа е производ на компанијата „Санотајз“, кој е развиен во Канада, произведен во Израел и тестиран во Велика Британија. Утврдено е дека ги ублажува симптомите на коронавирусот за 95 проценти за 24 часа и дека ги ублажува симптомите за 99 проценти за 72 часа, објави производителот.

Може да се користи до пет пати на ден, откако лицето ќе дознае дека е заразено со коронавирусот. Исто така се применува на деца под 12-годишна возраст. Израелското Министерство за здравство ја одобри неговата употреба во јануари годинава, а неговата продажба во оваа земја се очекува да започне во следните неколку недели.

– Спрејот што го направивме е докажан не само како лек што спречува понатамошно ширење на вирусот, туку е и негов уништувач – рече основачот и извршен директор на „Санотајз“, д-р Гили Регев.

Бидејќи коронавирусот е респираторен вирус, „Санотајз“ верува дека нивниот производ ќе биде ефикасен против ширењето на коронавирусот. За него се тврди дека дејствува по само две минути и е ефикасен против алфа сојот, кој првпат беше регистриран во Велика Британија и гама сојот, кој првпат беше регистриран во Бразил. Во моментов се тестира против делта сојот, кој првпат беше регистриран во Индија.

Наводно е ефикасен против други респираторни вируси, вклучително и оние кои предизвикуваат грип, пишува „Jerusalem Post“.