„Обвинетиот во исказ пред Јавното обвинителство целосно го негираше постоењето на двете кривични дела, и на убиството на Панче Жежовски и на убиството на девојчето во Скопје, и по направениот увид во Јавното обвинителство ќе доставиме соодветни докази кои ќе го потврдат неговото тврдење“, вели бранителот на Видевски.

Врховниот суд денеска ја одби како неоснована жалбата на Боре Видевски, еден од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Видевски, во жалбата изјавена преку неговиот бранител Бојан Манев, барал притворот да му биде заменет со домашен притвор.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија, ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 29.05.2024 година по повод жалбата од обвинетиот Б.В. во предметот познат во јавноста како „Убиството на Вања Ѓорчевска“, изјавена преку неговиот бранител Бојан Манев, против решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ- 417/24 од 30.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе решение ВКЖ1-23/24 од 29.05.2024 година, со кое жалбата е одбиена како неоснована и обжаленото решение во целост е потврдено“, се наведува во соопштението од Врховен суд.

Велешанецот Боре Видевски е еден од петтемина осомничени, од кои тројца се товарат за соизвршителство во тешките кривични дела две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден за помагање при грабнување на малолетно лице и еден за помагање по извршено кривично дело.

Како што пренесува Телевизија Телма, Видевски денеска негирал вина дека бил инволвиран во грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски.

„Обвинетиот во исказ пред Јавното обвинителство целосно го негираше постоењето на двете кривични дела и на убиството на Панче Жежовски и на убиството на девојчето во Скопје и по направениот увид во Јавното обвинителство ќе доставиме соодветни докази кои ќе го потврдат неговото тврдење“, вели бранителот на Видевски, Манев во изјава за Телма.

Според него, Видевски барал да му се опрдели куќен притвор со образложение дека тој не може да бега од државата затоа што нема пасош, а не може ниту да влијае на сведоци, ниту да попречува истрага, ниту пак да го повтори кривичното дело.

Во Обвинителството се врши увид во доказите кои тие ги имаат за случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Владимир Туфегџиќ адвокатот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за Телма потврди дека денеска од страна на Обвинителството во електронска форма му биле доставени доказите прибавени во текот на истражната постапка и бил дозволен увид во исказите на осомничените и сведоците.

Туфегџиќ вели дека побарал копија од исказите на осомничените и очекува Обвинителството да ја прифати забелешката и да овозможи целосна копија и препис од сите списи.

Според Туфегџиќ, во предмет каде што исказите на осомничените и сведоците се дадени на десетици страници, несоодветно, спротивно на законот и непрофесионално е да се даде одбрана само врз основа на извршен увид во списите на предметот.

Првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е Љупчо Палевски-Палчо, кој на 15 мај беше екстадиран во земјава од Турција, каде по бегството беше лоциран и уапсен, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.

Останати осомничени се и Велибор Манев и Влатко Кешишов, кои беа уапсени заедно со Видевски.

Стефан Димовски, пак е осомничен за кривичното дело помагање сторител по извршено кривично дело бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему на 12 март му беше укинат притворот бидејќи, како што образложија тогаш од Обвинителството, поради видот на кривичното дело и предвидената казна, не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.

Меѓу осомничените е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој по неколку месеци поминати во затворот во Шутка од неодамна се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.