Тело на дете е пронајдено во ливада на околу четири и пол километри од куќата од која пред неколку недели исчезна момчето со аутизам Ариан.
Фармер го открил телото на својата ливада во понеделникот околу 16:30 часот во областа Берсте во општина Есторф, Германија. Ова ужасно откритие поттикна шпекулации дека се работи за шестгодишниот Ариан, кој исчезна на 22 април.
Полицијата засега не сакаше да даде информации за точната локација или изгледот на местото каде што е пронајдено телото, но се знае дека се работи за област која веќе е пребарана при истрагата за исчезнувањето на Ариан.
„Во моментов не може со сигурност да се каже кое е пронајденото дете“, изјави портпаролот на полицијата.
Увидна екипа на криминалистичката полиција од Стаде и вработени во Истражната група Ариан извршија вештачење на местото. „За да се разјасни идентитетот на детето, телото е пренесено во Институтот за судска медицина“, додаде портпаролот, кој рече дека ќе се објават резултатите од обдукцијата во текот на неделата.
Момчето исчезнало на 22 април околу 19 часот и 30 минути, откако побегнало од семејниот дом. Приватна надзорна камера го снимила како оди кон шумата и реката Осте. Според полицијата, најверојатно објаснување е несреќа без надворешно влијание, но се уште не е исклучено кривично дело.
Последната акција за претрес беше спроведена на 23 мај, а на крајот на јуни полицијата планираше да ја растури петчлената истражна група поради немање индиции.