Скандалот кој ја тресе клиниката на Онкологија во Скопје го потресе целиот македонски народ. Јави горчина во душите и болен сомнеж кај секој кој изминатиов период имал некој свој на таа клиника, но и кај оние кои имале среќа никогаш да не стапнат таму. Народот се крева на протест, најавен за денес, бидејќи морбидноста во која се сомневаат дека се случувала таму траела предолго.

Освен пациенти и здравствени работници, на таа клиника неретко се појавуваа и претставници на власта на СДСМ и ДУИ. Или се сликаа внатре или беа домаќини на директорот. Занесени од идејата да претстават пред јавноста колку се грижливи за оваа ранлива категорија на болни луѓе, никој не го видел ужасот на Онкологија. Или барем не мрдна со прст…

Минатата година, Филипче и тогашниот директор на клиниката ја пречекаа сопругата на Зоран Заев, Зорица Заева која донираше перики.

За настанот информираше Зоран Заев на својот Фејсбук профил каде порача дека борбата против ракот не е само на пациентите туку на секој од нас, на институциите….

„По повод одбележувањето на Октомври како месец за борба против ракот на дојката, Зорица Заева и Д-р Венко Филипче од име на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во придружба на директорот на Универзитетската клиниката за радиотерапија и онкологија Д-р Нино Васев и вработени во Клиниката, донираа перики на 15 пациентки кои се лекуваат од рак на дојка на оваа клиника, посакувајќи им брзо и успешно оздравување.

Во услови кога расте бројот на заболени од карцином на дојка, но, за среќа, се намалува процентот на смртноста од ова малигно заболување, потребно е, повторно и повторно, да се укажува на најважните нешта кои се во функција на поефикасно справување со болеста. Навременото откривање значи откривање реална шанса за живот.

Затоа, постојано апелираме – секоја жена навреме да се прегледува – навременото откривање е предуслов за ракот на дојка да биде може да биде излечен.

Сите заслужуваат здравје, сите заслужуваат живот. Борбата против ракот на дојката не е само нивна. Наша е, на секој од нас, на секој поединец, агенција, институција, невладина организација, фондација. Праќаме порака за борба, борба за живот“ – напиша тогаш Заев.

Во тоа време, како што посочивме министер за здравство беше Венко Филипче, а директор на клиниката негов близок соработник, вклучен во истрагата која обвинителството и полицијата ја прават на Онкологија.

Имено, пред неколку дена, кога полицијата влезе на клиниката и направи претрес, го претресе и домот на поранешниот директор Нино Васев. По претресот, ОЈО Скопје и МВР работат за да се испитаат обележја на кривично дело.

Уште едно име на директор на оваа клиника се спомнува откако изби огромниот скандал. Станува збор за Нехат Нухи, економски директор на Онкологија. За него се пишуваше дека креирал списоци со лажни болни од канцер.

Функционери на СДСМ се фалеа дека партијата многу сработила во здравството, па објавуваа како помагаат за подигнување на свесноста за ракот и третманот кој овие пациенти мора да го поминат.

Еден од нив е екс-градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски. Во придружба на Васев, клекнат до поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, беа дел од стручно предавање заедно со Форумот на жените на СДСМ. Овие настани се, секако, за пофалба и треба да ги има што повеќе, но за жал, тука позадината е сосема поинаква, особено од оваа гледна точка, по последните сознанија.

Останува отворено прашањето како сите овие луѓе имаа близок контакт со директорите, гостуваа на клиниката, организираа настани за пациентите, а не видоа каква морбидност се случува таму…