Во Битола на 68 годишна возраст, по долго боледување, почина Младен Алтипармаковски, поранешен директор на фришопот на граничниот премин “Меџитлија“ и на “Континентал“ АД Битола.

Младен Алтипармаковски беше роден на 6 мај 1955 година, во Требиње, Босна и Херцеговина.

По професија беше дипломиран правник, кој работеше во сферата на меѓународната трговија. Тој беше првиот и последниот директор на фришопот на граничниот премин “Меџитлија“. Фришопот го менаџираше повеќе од 10 години и се сметаше за еден од најдобро снабдените во државата каде битолчани се снабдуваа со производи од светските брендови. Младен Алтипармаковски прв во Македонија изврши увоз на производите на “Philips“ и беше првиот претставник на “Glenfiddich“ – шкотската дистилерија на скоч и виски.

По затворањето на фришопот, повеќе години беше Извршен директор на познатото акционерско друштво за трговија, увоз и извоз “КОНТИНЕНТАЛ“ АД Битола.

Алти ја сакаше уметноста, сликарството и музиката, филмот и историјата. И самиот во младоста се бавеше со сликарство, вајарство и со свирење на гитара. Уште во најраните години, како ученик во основно училиште, под раководство на наставникот Хаџи-Антоновски Коста учествуваше во сликањето на ѕидовите во Советувалиштето за болни деца во Здравствениот дом – Уредот во Битола.

Битолчани ќе го памети и како голем аудиофил кој до последно се занимаваше со трговија на аудио опрема. Како човек уживаше да го поминува секој слободен момент во природа, во својата викендица во Претор, опкружен со семејството и добра храна.

Погребот ќе се изврши утре во 13 часот во Буковските гробишта.