Идејата за воведување на син картон во фудбалот, има многу противници во светот, а една од дилемите беше и што ако ваква казна добие голман.

Ако судијата смета дека играчот направил прекршок поради кој треба да ја напушти играта, но не до самиот крај на натпреварот, туку да биде во аут десет минути, ќе му покаже син картон. Син во комбинација со жолт картон ќе значи црвен картон и исклучување.

Судиите би биле обучени да нема претерано користење на синиот картон за да се избегнат голем број играчи казнети на еден меч.

Син картон би се доделувал во случај на тактички фаул кога некој ќе сака да запре контранапад на противниците или ако некој играч влезе во бурна расправија со судијата. Оваа практика е испробана во пониските велшки лиги и давала одлични резултати.

Многумина се запрашаа, а што ќе биде ако голманот добие син картон?

Одговорот нема да им се допадне на тренерите. Доколку голманот добие суспензија од 10 минути, неговиот тим ќе има две опции – или да направи трајна замена и да внесе резервен голман во игра, или на гол да застане некој од играчите на терен во тие десет минути.

На 2 март ќе се знае дали ќе се одобри иницијативата за синиот картон, а ако биде изгласана, ќе почнат тестовите во аматерскиот фудбал и во пониските категории.