Српскиот државјанин Д.М. (52), раселено лице од Приштина, кое беше уапсено во Северна Македонија на 7 јули за наводно воено злосторство извршено на Косово по налог на УНМИК, денеска беше ослободен, откако пристигнале докази дека се работи за погрешен човек, објавуваат српските медиуми.

Како што изјави неговиот адвокат Илија Поп Костов, неговиот клиент по грешка е уапсен и станува збор за замена на идентитет, односно имал исто име и презиме со лицето кое се барало за воени злосторства.

– Беше незаконски приведен и од денеска е на слобода по одлука на судијата за претходната постапка, а по барање на јавниот обвинител. Утврдено е дека погрешно лице е уапсено, а притворот веднаш е укинат и тој е ослободен, рече Поп Костов.

Државјанин на Србија Д.М. беше уапсен откако ја поминал границата, кога заедно со сопругата заминале на одмор во Охрид.

Потоа му беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а по наредба на истражен судија, тој беше однесен во затворот во Куманово.

Адвокатот на уапсениот Д.М., побара неговиот клиент да биде ослободен, додека тој самиот ги негираше сите обвинувања во обвинение каде е обвинет за убиство и нанесување тешка телесна повреда.