Вчера околу 8 часот утрото паднал таванот во училишниот тоалет во Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола при што една ученичка се здобила со мали повреди, информираа од Општина Битола.

На барање на градоначалникот Тони Коњановски од Општината велат дека се формирала комисија која извршила увид во училиштето и било заклучено дека тоалетите биле реконструирани пред неколку години со донација, но последните денови биле забележани проблеми на горниот кат и прокапување.

„Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката. Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем“, информираа од Општина Битола.

Од Општината велат дека на крајот на минатата година градоначалникот ги повикал директорите на училиштата кои требало да укажат на потреби за реконструкции и интервенции во училишните објекти. Според нив, директорката Илиева не побарала интервенција од Општината за објектот на Средното медицинско училиште.