Зоран Лазаревски – Паљо, познат фитнес тренер и бодибилдер, како и поранешен кандидат за градоначалник на Битола, за „Слободен печат“ вели дека лажно е пријавен дека наводно, од својата тераса на Широк Сокак со воздушна пушка пукал во куче скитник.

Настанот е регистриран во билтенот на Министерството за внатрешни работи, но Лазаревски иако е пријавен, вели дека има алиби: Во тоа време воопшто не бил дома, туку бил со тројца пријатели на кафе.

-Тоа е нивна претпоставка, дека јас сум бил тој што пукал. Се зачудив и јас. Во тоа време бев со тројца другари на кафе. Во тоа време кога се пукало, јас не бев дома. Точно е дека жена ми има трауми од куче што ја касна. Тоа е огромен проблем во Битола, не можеме да спиеме бидејќи живееме во центарот на Широк Сокак. Кој и да помине било да е поголема група или туристи, или велосипедист, глутниците им се пуштаат. Ова е страшен проблем во Битола. Цели глутници на кучиња има. Долу има една продавачка во бутикот, која ги сака животните, ги храни и ги собира. Нема проблем. Ама таа кога ќе си замине дома после работа, ние не можеме да спиеме, ако толку ги сака нека ги земе дома. Или има здруженија за заштита на животните и нека ги земат во стационар. Ова е страшен проблем. Да си лежеа мирно, немаше да има проблем. Ама напаѓаат, луѓе напаѓаат, дечиња напаѓаат. Иако сето тоа е голем проблем, јас не сум будала да излезам на балкон на сред бел ден и да пукам со пушка како некој будала. Ниту бев дома, ниту направив такво нешто, изјави за „Слободен печат“ Лазаревски.

Тој вели дека лажно е пријавен и тоа го кажал и во станица кога бил испрашуван од полицијата.