Тројца планинари загинаа вчера на Јулијанските Алпи во северозападна Словенија, додека по еден се уште се трага. Ден претходно, во саботата, загина хрватски планинар на Камничките Алпи, што е причина словенечките и хрватските медиуми да пишуваат за „црн викенд “ во словенечките планини.

Како што утрово потврдија од полицијата во Крањ, тројца планинари загинале во неповрзани несреќи во текот на вчерашниот ден.

Од недела навечер се трага на подрачјето на планината Комна, каде веќе е откриен еден загинат планинар, додека еден е исчезнат.

Условите на планините во моментов се многу опасни, патеките се покриени со снег под кој се крие мраз што може да ги измами помалку искусните, а особено треба да се внимава на стрмните и лизгави терени, предупреди полицијата.

Триесет и седумгодишен планинар, хрватски државјанин, во саботата загина во несреќа во областа Камник Седло на Камничките Алпи.

Според полицијата, тој бил во група од осум други планинари на планината. Тој се лизнал на стрмен терен, па паднал и бил пронајден на 300 метри под местото на несреќата.

Во Словенија годишно умираат до триесет планинари, а планинската спасувачка служба има околу 500 интервенции секоја година, често со помош на полициски хеликоптер за спасување на повредените.

Околу милион луѓе годишно ги посетуваат словенечките планини, а најчеста причина за несреќите, дури и најтешките, се несоодветната опрема и непознавањето на теренот.

Во 2020 година, 16 лица загинаа во словенечките планини, значително помалку од просечниот број на жртви, бидејќи таа зимска сезона движењето беше претежно ограничено во матичните општини поради пандемијата на Ковид-19.