Рускиот претседател Владимир Путин го откри оружјето на иднината под името Авангард во 2018 година, заедно со други ветувачки оружја, а беше објавено дека хиперсоничниот систем влезе во редовниот состав на руската армија. Што точно е хиперсонично оружје?
При обраќањето до Федералното собрание, Путин тогаш зборуваше за новите руски воени прокети, а особено внимание му посвети на хиперсоничното оружје.
– Русија има хиперсонично оружје, истакна Путин. Поседувањето на ова оружје е многу важно, затоа што тоа е „идеално“ и речиси неранливо, го сакаат сите западни земји, рече рускиот претседател додавајќи дека тестирањата на овој тип на оружје се веќе завршени.
„Поседувањето на такво оружје, без сомнение, дава сериозна предност во сферата на вооружената борба. Неговата моќ, потенцијалот, тврдат воените стручњаци, можат да бидат огромни, а брзината го прави неранливо кога станува збор за постојните системи за ПРО и ПВО, затоа што пресретнувачките ракети, едноставно кажано, не можат да го стасаат“, соопшти Путин тогаш:
„Завршено е испитувањето на хиперсоничниот авијациски ракетен систем кој нема пандан во светот. Од 1 декември 2017 година системот стапи на борбено дежурство во Јужниот воен округ. Неговата ракета, која лета со хиперсонична брзина, исто така маневрира на сите делови од траекторијата, што овозможува избегнување на сите ПРО системи. Овој систем го доби името „Кинжал“, рече Путин, додавајќи дека се завршени и тестирањата на стратешкиот систем со маневрирачка крстосувачка боева глава.
Тој зборуваше и за беспилотната подморница која може да се движи меѓу континентите на голема длабочина. Во декември 2017 година се завршени тестирањата на нуклеарниот погонски систем за овој тип на подморница.
„Таа сѐ уште нема добиено име. Луѓето можат да ги испраќаат своите предлози на сајтот на Министерството за одбрана“, истакна шефот на руската држава.
Путин зборуваше и за уште еден нов тип на хиперсонично оружје. Тоа ќе биде способно да маневрира во густите слоеви на атмосферата и ќе биде практично неранливо.
„Тоа ќе биде како метеор”, рече Путин. Оружјето засега го доби името „Авангард”.
Путин истакна дека најновите системи за вооружување ќе имаат сериско производство и дека руската држава веќе располага со овие системи.
Освен тоа, рускиот претседател зборуваше и за новите типови на крстосувачки ракети. Една од нив е нисколетечка ракета со непредвидлива траекторија. Друга се движи на нуклеарен погон и има нуклеарна боева глава и неограничен дострел.