Канаѓанецот Вали, кој ја носи неофицијаната титула као најсмртоносен снајперист на светот, а кој им се придружи на украинските сили на отпорот, ги демантираше информациите за неговата наводна смрт во Украина.

Оливие Лавињ-Ортиз, како што е вистинското име на Вали, објави порака на социјалните мрежи на која се гледа тој како лежи со пушка во базен со шарени топки.

– Јас сум жив. За доказ, еве ме во позиција на супертактички снајперист командос од специјалните сили во базен со топки, вели Вали, чија изјава ја пренесува и канадскиот медиум LA PRESSE, онлајн издание на француски јазик од Монтреал.

Гласините дека загинал во борба, Вали ги оценува како „сосема смешни“.

– Вистината е дека го зазедовме теренот на непријателот и му нанесовме загуби. За жал изгубивме и соборци, имаме загинати и повредени, вели тој.

Во објавената порака, Вали дава и слика на тоа како изгледаат борбите во Украина.

– Русите се плашат од блиска борба. Тие претпочитаат да бомбардираат, одново и одново, уништувајќи куќи, како што се однесуваат фрустрирани насилници, додава Вали.