Поради основано сомнение дека сториле кривично дело насилничко однесување, истражниот судија на Жупанискиот суд во Дубровник им изрече мерка притвор до 30 дена на пет млади момчиња од областа Дубровник, јавува Слободна Далмација. Тие се обвинети дека ставиле четворица мажи, еден Хрват, двајца државјани на Босна и Херцеговина и еден државјанин на Македонија, во понижувачка положба преку насилство, злоупотреба, вознемирување и друго особено дрско однесување на јавно место.

Според судијата Пер Милоглав, портпарол на Жупанискиот суд во Дубровник, притворот е одреден со оглед на начинот и околностите на извршување на кривичното дело насилничко однесување, бидејќи при физичкиот напад врз сезонските работници покажале крајна агресивност, непромисленост и бруталност, како и поради опасност од повторување на кривично дело.

Така, притвор им е одредена на Љ.Ф.(22) од Водоваѓа, Ј.Т.(19) од Груда, Р.Т.(21) од Груда и помладите М.Г.(18) и Ј.К.(18) од Дубровник.

Полицијата веќе извести дека четворица сезонски работници од ланецот хотели „Валамар ривиера“ биле брутално претепани по ноќно излегување и вербален конфликт во Пилес. Наводно било околу 5 часот пред ноќниот бар „Еликс“, кога сезонските работници за да избегнат понатамошен конфликт со такси го напуштиле местото и отишле во нивниот сместувачки објект.

Но, групата осомничени ги следела, а откако работниците се симнале, физички ги нападнале и на тројцата им нанеле полесни физички повреди.
Судската истрага во Истражниот центар на Жупанискиот суд во Дубровник утврдила дека петмината насилници ангажирале такси да следи друго такси во кое биле сезонските работници А.С., Д.К., К.А. и Т.М.

Додека осомничените физички ги тепале сезонските работници А.С. и Т.М., ги навредувале и на национална основа, со што кај жртвите се создавало чувство на страв, понижување и нарушено достоинство. Младите насилници се уапсени и предадени на надзорникот на СВР Дубровник-Неретва, по што се изведени пред дежурен истражен судија, кој им одредил мерка притвор.