Телото на подофицер на Војската на Србија е пронајдено утрово во каналот Дунав-Тиса-Дунав, дознава Телеграф.рс.
Еден подофицер на вооружените сили на Србија е тешко повреден вчера при вежба на каналот Дунав-Тиса-Дунав, додека по друг се трага откако паднал во вода, соопшти Министерството за одбрана.
Телото на бараниот подофицер е пронајдено утрово. Мијодраг Тошковиќ е роден во 1980 година во Цетиње. Во стручната служба во српската војска е од 2000 година. Неколку пати е одликуван и наградуван за резултатите од неговата служба. Беше оженет и татко на три деца.
Како што се наведува во соопштението, инцидентот се случил при реализација на редовни тренажни активности на слетување од хеликоптер на водната површина на каналот Дунав-Тиса-Дунав, во реонот на воениот комплекс „Орешац“ околу 12:15 часот.
Вежбата ја изведоа припадници на 72 бригада за специјални операции. По укажаната прва помош, повредениот подофицер бил итно пренесен во Општата болница во Вршац.