Актерот Тејлор Чејс, кој во раните 2000-ти години беше препознатлив како тинејџерска ѕвезда, денес живее како бездомник. Во изминативе денови на социјалните мрежи масовно се шират видеа на кои може да се забележи дека неговата состојба е сериозно загрижувачка.
Чејс стекна популарност со улога во позната серија на Nickelodeon, но по повлекувањето од јавноста неговиот живот тргнал во поинаков правец. По објавувањето на видеата, негов поранешен колега од серијата јавно му понуди помош, повикувајќи на поддршка и разбирање.
Иако Тејлор одбивал помош од полицијата, сепак прифатил неговиот поранешен колега актер да му изнајми хотелска соба, барем за време на празниците. Случајот предизвика бројни реакции во јавноста, а многумина се прашуваа каде е семејството на 36-годишниот актер.
По тој повод, за „Daily Mail“ се огласи неговиот татко, Џозеф Мендез, кој откри дека Тејлор уште од 2015 година се соочува со сериозни проблеми со менталното здравје.
– Тој е прекрасна личност кога е Тејлор. Повеќе од една деценија, баравме опции за лекување за Тејлор, вклучително и поддршка за зависност од дрога и психијатриско советување. Покрај неговата зависност, Тејлор е дијагностициран со биполарно нарушување и шизофренија кои бараат постојан медицински третман, вели неговиот татко.
Мендез додава дека иако бил на рехабилитација во 2021-ва, состојбата не му се подобрила.
– Пред околу четири години, добиваше терапија во Џорџија. Иако имаше прогрес, подоцна одлучи да прекине со терапијата, а продолжи да користи дрога. Неодамна, Тејлор се врати во Калифорнија за да биде со мајка му, со надеж дека ќе ја стабилизира ситуацијата. Но, и покрај тоа што добива поддршка од неа, одбива да оди на терапија и да добива помош, изјави таткото за Daily Mail.

