Матеја Периш, момчето од Сплит коe исчезна во Белград за време на новогодишната ноќ, се бараше речиси пет месеци. ДНК анализата ќе потврди дали телото пронајдено на Ада Хуја утринава e негово, но засега сè укажува на најлошата вест – дека од Дунав е изнесен 27-годишниот економист и поранешен ватерполист, пишува вечерва „Блиц.рс“.

Откривањето на телото само го подгреа интересот за случајот со исчезнувањето на Матеј Периш, кој од самиот почеток е полн со „дупки“ и мистерии, а некои од нив никогаш нема да бидат решени.

Случајот предизвика големо внимание, пред се затоа што се работи за меѓународна потрага во која правно и формално се вклучени две држави. Второ, станува збор за здрав млад човек кој немал криминално досие или пак бил осомничен дека некогаш користел наркотици, а кој исчезнал туку така, без никаква причина. Дополнително, пријателите на Матеј со кои ги помина последните моменти, никогаш не сакаа јавно да го коментираат случајот.

Еве пет клучни прашања кои сè уште се неодговорени:

1. Зошто Матеј Периш го напушти клубот „Готик“?

Матеј Периш дошол во Белград да ја дочека Новата година со пријателите со комбе што го изнајмиле во Загреб, а дотогаш со автомобил доаѓале од Сплит. Потоа изнајмиле стан во поширокиот центар на Белград, а според неговите пријатели, таму пиеле алкохол пред да одат на вечера во добро ситуиран ресторан.

Тие одлучија да го продолжат ноќниот живот во клубот „Готик“ сместен во комплексот „Бетонска сала“ на брегот на Сава. Како што може да се види на снимката од надзорот, Матеј на 31 декември околу 2 часот по полноќ излегол од клубот во маица за да трча по белградските улици.

Во еден момент запира такси возило, но возачот не ја отворил вратата бидејќи веќе имаше патник. Матеј потоа тргна по околните и темни улици до зградата Саванова – ресторан кој се наоѓа на околу километар и половина од клубот „Готик“. Пристигнувајќи во ресторанот кој не работел, ја намалил брзината, ја прескокнал оградата што му била на патот, што повторно докажува дека моториката не му била нарушена и продолжил да се движи низ Саванова барајќи излез на шеталиштето. Таму се спуштил по скалите кон Сава, но тука завршува објавениот клип од надзорната камера.

Значи, главното прашање е зошто Периш го напушти клубот? Дали тоа што замина само во маица, значеше дека има намера да се врати во клубот „Готик“ или инстинктивно побегна од опасноста во која би можел да западне таа ноќ? Зошто отишол кон ресторанот Саванова? Дали требало да сретне некого таму или случајно стигнал таму?

2. Поради што се случил инцидентот со друштвото од Задар?

Не се знае зошто Матеј излетал од клубот „Готик“, но познато е дека во клубот меѓу пријателите на Матеј дошло до инцидент со група млади момчиња од Задар. Како што претходно напиша Вечерњи лист, во таа вечер две групи млади од Хрватска се сретнале во клубот „Готик“ и се дружеле, но вербално се скарале за шише жесток алкохол што било нарачано, но не било платено.

Дошло до недоразбирање и тепачка, па реагирало обезбедувањето. Набргу потоа Матеј истрча од клубот. Некои велеа дека можеби отишол до банкомат, а други дека доживеал сосема поинаков инцидент во клубот додека одел во тоалет, па избегал поради него, што неговите пријатели кои останале на масата не можеле да го видат. Што точно се случило никогаш нема да се открие.

3. Зошто трчаше околу Савамала?

Никогаш нема да дознаеме точно зошто Матеј го напуштил клубот „Готик“ и каде заминал. Сигурно е дека трчал околу урбаната белградска населба Савамала пред целосно да му се изгуби трагата. Според некои информации, тој трчал цели девет минути, а бројни експерти сведочеле дека начинот на кој се движел укажувал дека не бил под дејство на дрога, ниту дека бил во алкохолизирана состојба која не би му дозволувала да трча така. Во текот на истрагата имаше гласини дека отишол во станот да земе нешто, или до банкомат, но постоечките снимки не можат да го потврдат тоа.

По излегувањето од клубот во Бетон салата во 1.43 часот се упатил кон улицата Караѓорѓева. Понатаму, на снимката се гледа како Периш го продолжува движењето кон Бранковиот мост. Во 1.47 часот свртел во улицата Травничка и продолжил понатаму кон улицата Браќа Крсмановиќ и стигнал до ресторанот „Саванова“. Полицијата потврди дека никој не го следел, па останува нејасно зошто трчал.

4. Кобната ноќ три пати запирал такси, каде планирал да оди?

Во еден момент во јавноста стигна снимка од фаталната ноќ, на која се гледа како човек за кој се веруваше дека е Периш трча околу Савамала и се обидува да запре такси. Според зборовите на неговиот татко, три пати се обидел да влезе во такси, но безуспешно.

– На снимката се гледа дека исчезнатиот не комуницира со други лица, освен кога во еден момент, на аголот од улиците Караѓорѓева и Црногорска, се обидува да влезе во такси, но таксистот одбил бидејќи имал закажано возење. Ова е единствената воспоставена интеракција на Матеј со кој било на неговата релација, изјави во јануари еден од инспекторите на МВР, но без одговор каде потенцијално сакал сплиќанецот да биде однесен со такси.

5. Поради што Периш на крајот влезе во Сава?

Кога полицијата објави детална реконструкција на движењата на несреќниот млад човек од Сплит откако го напуштил клубот „Готик“, се утврдило дека видеото на кое се гледа како непознат маж плива во Сава е автентично. Се зборуваше и дека движењето на тој човек се поклопило со телефонскиот сигнал на Матеј Периш.

Ако навистина бил тој, останува прашањето – како и поради што воопшто влегол во реката? Се знае дека бил спортист, дека бил во форма и дека не користел наркотици. Ако случајно паднал во реката, дали се обидел да излезе од неа? Дали бил под дејство на дрога или алкохол, па самоволно скокнал во реката, по што студената вода го парализирала, или пак му се случила некаква незгода поради која не по своја волја стигнал до Сава? Засега никој не знае…