Гласањето на претседателските избори започнува во 7:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, ИО ги доставува до ОИК во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

По спроведените избори за претседател на Републиката, ОИК ги сумира резултатите од гласањето на листата на кандидати, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна до 12 часа од завршување на гласањето.

ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. За претседател на Републиката, во првиот изборен круг е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.

Каква беше излезноста во 2019 година?

На претседателските избори во 2019 година во првиот круг имаше тројца кандидати. Стево Пендаровски како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и здружената власт, Гордана Силјановска – Давкова како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Река како кандидат на тогашната албанска опозиција, односно АА/А. За разлика од денешните избори, ДУИ немаше свој кандидат, и партијата од Мала Речица го поддржа СТево Пендаровски.

Во првиот круг од претседателските избори во 2019 имаше излезност од 41,67%, односно гласаат околу 755.000 лица.

Денеска се очекува поголема излезност од тој прв круг пред 5 години, поради тоа што сега има многу повеќе кандидати (вкупно 7), за разлика од тогаш кога имаше само тројца. Според политичките аналитичари кои минатиот период го искажаа својот став, денеска во Македонија се очекува да гласаат околу 50% од запишаните гласачи, односно бројка од околу 900.000 лица. Доколку оваа проценка се надмине, тогаш може да очекуваме и резултати малку поразлични од она што го предвидуваат анкетите.

Првичните информации од лице место на избирачките места се дека интерес за гласање има и веќе од рано утрово се забележани помали гужви.