Кристијано Роналдо не се најде во стартните 11 во решавачкиот дуел на Јувентус против Болоња во последното коло од италијанската Серија А.

Изненадувачки, Роналдо не се наоѓа во првиот тим, туку на клупата за резерви. Засега не е познато дали можеби се работи за некаква ситна повреда на Португалецот и зошто тренерот Андреа Пирло се реши да го седне на клупата Роналдо во решавачкиот меч, ако се знае дека претходно Пирло немаше храброст ниту да го замени Роналдо, па Португалецот ги играше сите 90 минути.

Овој меч е решавачки за Јувентус поради фактот што од него зависи судбината на торинскиот гигант, дали клубот следната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите. Но, и судбината на Роналдо во Јувентус зависи токму од овој меч, бидејќи е сосема извесно дека напаѓачот ќе го напушти Јувентус ако „Старата дама“ не успее да се пласира во ЛШ.

Инаку, во текот на денешниот ден, влијателниот италијански весник „Ла Република“, кој во јавноста важи за добар познавач на случувањата во семејството Ањели, објави дека претседателот на Јувентус Андреа Ањели и Роналдо постигнале договор Португалецот да си замине летово доколку клубот не успее да се пласира во ЛШ.