Хрватска тревел-блогерка ја откри интересната практика што ја доживеала при влез во една необична туристичка дестинација.
Станува збор за островската држава Палау, каде туристите при влез во земјата мора да потпишат посебно ветување дека ќе ја штитат природата и животната средина.
Ова ветување е дел од печатот во пасошот и содржи порака со која посетителите се обврзуваат да се однесуваат одговорно за време на престојот. Во него, туристите ветуваат дека ќе ја чуваат природата, ќе ги почитуваат локалните традиции и нема да нанесуваат штета на околината.
Палау е мала островска држава во западниот дел на Тихиот Океан, составена од повеќе од 300 острови. Таа е позната по својата недопрена природа, корални гребени и богат подводен свет, поради што е многу популарна дестинација за нуркачи и љубители на екотуризмот.
Оваа уникатна практика има цел да ја заштити природната убавина на земјата за идните генерации и да ја подигне свеста кај туристите за одговорно однесување.

