Вчерашното апсење на поранешниот полициски генерал Горан Стојков побуди енигма за каква злоупотреба би можел да биде осуден на година дена затвор, кога тој не бил на функција изминатите 20 години.

Според извори во Основниот Кривичен суд, Стојков бил осуден за злоупотреба на буџетски пари со набавка на оружје и муниција пред 20 години, додека бил на раководна функција во МВР за време на воениот конфликт, објави порталот СДК.мк.

Во меѓувреме, против Стојков се водеше постапка во случајот „Шпион“ и тој ја одлежа затворската казна за овој случај, но за ова судење за злоупотреба никој не беше слушнал.

Според соопштението на МВР, „На 16.12.2021 во 16:15 часот полициски службеници од Оперативен тим Потраги на бензинска пумпа на булевар Србија во Скопје го лишија од слобода Г.С. (51), роден во Струмица, а со адреса на живеење во Скопје, кој бил баран со потерница по наредба од Основен Суд-Скопје 1 вв чл.353 ст.3 од КЗ на РСМ, за казна затвор од една година. Лицето е предадено во КПУ Затвор Скопје-Скопје за издржување на казната“.