Убиецот кој во петокот вечерта во Будва испука осум куршуми кон подгоричанецот Милиќ Миња Шаковиќ бил облечен во бела кошула и со иста боја капа на главата, пишува подгорички „Вијести“.

Ова може да се види на снимката од надзорната камера која полицијата ја заплени по убиството на високиот припадник на Шкаљарскиот клан на терасата на будванското кафуле „Корковадо“.

Инспекторите се обидуваат да го откријат неговото движење врз основа на снимките од другите надзорни камери, откако убиецот, како што пренесува „Вијести“, наводно успеал да побегне од полицаец во цивилна облека кој случајно се нашол на местото на злосторството.

Шаковиќ беше убиен во петокот, околу 23.30 часот, кога бил на вечера со пријатели во ресторанот. Тие седеле во првиот ред до плоштадот, а Шаковиќ бил свртен со грбот кон минувачите.

Пријателите на убиениот на инспекторите наводно им кажале дека виделе сомнителен маж кој поминал покрај нив кон Стариот град. Еден од нив наводно го предупредил Шаковиќ, но тој не придавал значење на тоа, туку продолжил да вечера.

Набргу потоа повторно се појавил сомнителниот маж кој се движел од правец на Стариот град кон масата на која седеле сите. Шаковиќ не реагирал на новото предупредување на неговиот пријател, кој како што тврдат извори на „Вијести“ му рекол: „Овој е сомнителен, погледни го“.

– Човек со бела капа набрзина се доближи до масата, извади пиштол и од далечина од половина метар го застрела Шаковиќ во задниот дел од главата, вели извор од истрагата за „Вијести“ кој додава дека убиецот испукал три истрели во главата на Шаковиќ, кој паднал на тротоар. После тоа кон подгоричанецот испукал уште два, а потоа уште три куршуми.

Се сопнал и оставил отпечатоци

Полициската управа соопшти дека извршителот се сопнал недалеку од влезот во „Могрен“, а на тоа место инспекторите пронашле отпечатоци. Малку понатаму ја нашле кошулата и капата што ги носел.

Шаковиќ со години беше мета на Кавачкиот клан

Сега веќе починатиот, наводниот водач на подгоричкиот огранок на Шкаљарскиот клан, во последните неколку години неколку пати беше мета на убијци од соперничкиот клан.

Шаковиќ беше тешко ранет на 8 септември 2017 година во Подгорица. Напаѓачите, кои никогаш не биле пронајдени, потоа буквално го изрешетале кафулето „Авто Зета“ во кое тој и неговиот брат Марко чекале да му го измијат автомобилот.

Животот на Миња Шаковиќ потоа го спасил неговиот брат, кој го турнал на подот и го заштитил со телото, а во мафијашки напад бил убиен Иван Недовиќ од Подгорица, син на сопственикот на автосервисот. Напаѓачот се приближил со „БМВ“ и пукал од автоматско оружје.

Во средината на декември истата година, набргу откако бил пуштен од лекување, пријавил во полиција дека по улиците на Загорице го бркал маж, кој наводно со велосипед дошол кај него дома за да го убие. Тој потоа до инспекторите на Центарот за безбедност во Подгорица доставил видео од надзорните камери на кое се гледа како маж маскиран во фантомка со ранец на грбот се прикрадува околу неговиот дом.

После тоа, и поради војната меѓу клановите која се одвива со години, Шаковиќ, според упатените, до пред неколку месеци бил многу внимателен – ретко излегувал од куќата и користел блиндиран автомобил.