Првите две жртви на големите пожари кои беснеат во Грција се двајцата пилоти на авион „канадер“ кој се урна во вторникот за време на гаснење пожар на островот Евија. Станува збор за 34 годишниот Христос Мулас и 27 годишниот Периклис Стефанидис.
Пилотот и копилотот, на возраст од 34 и 27 години, кои летале со Canadair CL-215, ги загубиле животите кога нивниот авион, откако фрлил вода на огнот, со крилото удрил во врвот на едно дрво, поради што изгубиле контрола над леталото и тоа се сруши. Авионот изгорел, а двајцата пилоти го загубиле животот. Спасувачките екипи стигнале до соборениот авион кој целосно изгорел.
Околу 20.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови и хотели на Родос во текот на викендот поради пожарот, кој се прошири и на одморалиштата на брегот.
Обвинителот во Родос, Грција започна истрага за причините за пожарот и подготвеноста и одговорот на властите. Сепак, што и да покаже истрагата, научниците предупредуваат дека климатските промени предизвикани од човекот имаат огромно влијание врз појавата на екстремни топлотни бранови кои ги фаворизираат пожарите и кои ќе биде се потешко да се контролираат – особено во Медитеранот, кој се загрева побрзо од остатокот од светот.
Освен во Грција, пожари беснеат и во Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Хрватска, Тунис и Алжир. Загинаа 40 лица, од кои повеќето во Алжир.