Нова, многу позаразна варијанта на ХИВ-вирусот беше откриена кај над 100 лица во Холандија, вели студија објавена вчера во списанието „Наука“. Инфицираните со варијаната „ВБ“(подвид Б) имале од 3,5 до 5,5 пати повеќе вирус во крвта и двојно побрзо опаѓање на Т-клетките. Всушност, сојот се појавил кон крајот на 80-тите и почетоот на 90-тите во Холандија, а околу 2010 година почнал да се повлекува, сè до моментов кога повторно е тука.
Добрата вест е дека откако заразените почнале да се лекуваат со соодветна терапија, тие закрепнувале и преживувале со сличен процент како оние заразени со обичниот ХИВ-вирус.
– Нашите наоди ја нагласуваат важноста на препораката на Светската здравствена организација дека лицата изложени на ризик од ХИВ инфекција имаат пристап до редовно тестирање за да се овозможи рана дијагноза, проследено со итен третман – изјави коавторот на студијата Кристофер Фрејзер од Оксфорд.
Истражувањето, исто така, ја потврди теоријата дека вирусите можат да еволуираат и да станат повирулентни, што е широко распространета хипотеза за која засега не е пронајдена потврда во реалниот свет. Делта-сојот на коронавирусот е еден таков неодамнешен пример.