Откако во Скопје црешите се продаваа по 1.200 или 1.300 денари за килограм, цена што ги шокираше граѓаните, дел од трговците, посебно во внатрешноста избегнуваат да ги продаваат.

Се плашат дека нема да можат да ги продадат и ќе бидат во загуба, а плус се свесни дека цената е висока и недостапна за многу од граѓаните. Конкретно, на пазарот во Куманово на прсти се бројат тезгите каде може да се купат цреши. Едно канче со цреши се продава за 150 денари. Оној кој ги продава, очекува дека цената ќе наскоро ќе се намали.

„Цената ќе падне, за една недела очекувам црешите да бидат поевтини. Луѓето купуваат од сè по малку. На пазарот е поевтино за разлика од маркетите и потазе е робата“, вели трговец.

Друг човек кој продава на тезга објаснува дека оваа сезона овошјето е скапо, а најевтини се јаболката кои чинат 80 или 100 денари. Но, вели дека и со нив се случува да бидат во загуба, затоа што плодовите ако брзо не се продадат, губат на квалитет, скапуваат и потоа мораат да ги фрлат. За цреши вели дека не ни размислува да ги продава, затоа што се доста скапи.

„Цреши не држам, работам со други овошки. Црешите се скапи, а кога нешто е скапо, луѓето не го земаат. Лани јаболката беа 40-50 денари, а сега се 100 денари. Овошјето ќе биде луксуз ова лето. Ова е вака поради природните процеси. Луѓето од високите слоеви воопшто не доаѓаат на пазар, туку си купуваат по маркети, макар што е поскапо, а луѓето со помали примања ќе купат само леб и млеко“, кажа кумановец.

Следниот трговец вели дека дел од колегите продавале едно канче цреши со мала грамажа за 200 денари, но слабо се трошеле. Тој годинава нема да продава цреши.

„Во Македонија и во другите земји околу нас нема цреши, тоа го слушнав од телевизија. Воопшто нема да се занимавам со тоа овошје годинава“, рече Зоран Каранфиловски, трговец.

Скапи се и праските, кајсиите, јагодите, лубеницата. И во регионот, во Бугарија, Србија, Босна медумите информираа дека црешите се доста скапи. Ако во Босна се 10 евра, во Србија се 1.500 динари, односно 750 македонски денари, а во Бугарија цената е околу 25 евра. Мразот направи штети на овошните дрвца минатиот месец и родот ќе биде минимален. Црешите што сега се достапни на пазарот се увезени. Во Македонија според статистиките на Државниот завод за статистика(ДЗС) годишно се произведувале по 4.000 до 5.000 или 6.000 тони цреши.