Србинот Давид Кнежевиќ, кој беше уапсен на аеродромот во Мајами на 4 мај, моментално е обвинет за киднапирање на сопругата Ана Марија Кнежевиќ, која исчезна на 2 февруари во Мадрид, но истражителите веруваат дека тој во станот во кој Ана последен пат била виденa живa ја убил сопругата и ѝ го спакувал телото во голем куфер!

Иако тврдеше дека во моментот на исчезнувањето на сопругата бил во Србија, камерите го снимиле како влегува во нејзината зграда, а потоа заминува со голем куфер. Истражителите сметаат дека мотив за грозоморното злосторство може да биде имот вреден 15 милиони евра, кој, наводно, не можеле да се договорат како да го поделат бидејќи Давид не се согласил секој од нив да добие по 7,5 милиони евра!

– Телото на Ана Марија Кнежевиќ, Колумбијката која беше во брак со Давид Кнежевиќ, кој беше уапсен и обвинет за нејзиното киднапирање, не е пронајдено. Сепак, се укажува дека таа е убиена и дека тоа го направил сопругот од кој се разведувала. Според собраните докази, тие веруваат дека Кнежевиќ ја изнел во куфер сопругата висока 147 сантиметри и тешка 45 килограми од зградата во која последен пат била видена – откриваат шокантните наоди на истражниот портал Либертад Дигитал.

Според нив, клучни докази против него се снимките од безбедносните камери од зградата и продавницата, како и „пежото“ што го изнајмил од агенција за изнајмување во Белград, како и тетоважа на раката.

– На денот кога жената мистериозно исчезна, маж со кацига на главата, нешто по 21 часот влегол во зградата и се обидел да ги спречи камерите да снимаат прскајќи ги со спреј. Сепак, тој не ја испрскал целата камера и на видеото совршено се гледа зглобот од раката со која прска со спрејот, а клучна е тетоважата која не остава простор за сомнеж. Истите камери го снимија како ја напушта зградата нешто повеќе од еден час подоцна како носи голем куфер – наведуваат и потсетуваат дека Кнежевиќ преку адвокатот тврдел дека во моментот на исчезнувањето на сопругата бил во Белград.