Европската фудбалска унија (УЕФА) покрена дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија поради однесувањето на навивачите на натпреварот против Англија во првото коло на Европското првенство во Германија.
Во неделата вечерта во Гелзенкирхен, Србија беше поразена од Англија со 1:0 во натпреварот од првото коло од групата Ц на Европското првенство.
Дисциплинската комисија на УЕФА покрена постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија за фрлање предмети на теренот и носење на провокативни пораки непримерни за спортски настан.
Во соопштението на УЕФА се наведува дека постапката е започната согласно член 55 од дисциплинската регулатива.
„Етичкиот и дисциплинскиот инспектор на УЕФА ќе спроведе истрага за наводното дискриминаторско однесување“, се вели во соопштението на УЕФА.
Се очекува одлуката да биде донесена што е можно поскоро.