Трагична вест пристигнува од Пиринејскиот Полуостров – поранешниот фудбалер на Овиедо, Сантијаго Отеро (38) е пронајден мртов во својата куќа.
Како што јавуваат шпанските медиуми, Отеро бил сам во домот, а неговата сопруга, која се вратила од ноќната смена наутро, го нашла мртов. Причината за смртта е сосема бизарна ако се земе предвид дека починал од струен удар кој го предизвикал телефонот во кадата.
Отеро наводно влегол во кадата за да се избања и го зел телефонот кој го ставил на полнење. Во еден момент му паднал на градите и веднаш следел струен удар, додека од болницата потврдиле дека му констатирале изгореници на градниот кош.
Споменатиот фудбалер настапуваше за помладите категории на Овиедо на позицијата напаѓач, а потоа кариерата ја изгради во пониските лиги. Го имаше и прекарот Катања, по легендарниот бразилски напаѓач кој се прослави во дресот на Селта.
„Сан“ пренесува дека Отеро продолжил да игра фудбал во седмата лига на Шпанија, како и дека од родната Галиција се преселил во Мадрид поради работа. Исто така, се наведува дека шпанската полиција се уште нема дадено официјален коментар и дека се чека наодот од обдукцијата.