Власта со засилен притисок врз опозицијата пред Уставните измени. По примерот на ДУИ, условени оставки подготвуваат министри на Димитар Ковачевски. Според информациите на ТВ 24, петмина министри од СДСМ до премиерот Ковачевски ќе поднесат условени оставки, глас на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ „за“ уставните измени во замена за нивните фотелји во владата.

Но, кои министерски места СДСМ ги нуди на Мицкоски се уште не се знае, а нема ни информации дали меѓу нив ќе се најде и премиерското место, кое Ковачевски веќе еднаш го понуди, бидејќи во владејачката партија уште се „готви“ список примамлив за опозицијата да се премисли до 18 август, кога и почнува собраниската седница за внесување на бугарите во македонскиот устав.

И додека Ковачевски и Ахмети бараат начин како да стигнат до 80 гласа кои ги немаат, мнозинството веќе и чекор понапред. Напишале т.н Манифест за преговори со ЕУ, кои за да почнат македонија мора да ги вметне бугарите во Уставот . Документот го промовираа и СДСМ и ДУИ, а преку него бараат обединување на сите парламентарни партии околу евроинтегративниот процес.

„Со оглед дека пристапните преговори со ЕУ ќе се одвиваат во различни собраниски и владини состави ја потврдуваме потребата од воспоставување на засилена соработка помеѓу сите политички партии застапени во Собранието која ќе се остварува постојано без разлика од составот на владејачкото мнозинство. Сите политички партии застапени во Собранието ќе имаат можност да се произнесат и да дадат препораки за било кое прашање по однос на преговарачките позиции по поедините преговарачки поглавја во меѓусебен дијалог со Владата во рамки на Собранието.“ – стои во Манифестот за преговори со ЕУ.

Но, ВМРО-ДПМНЕ во овој документ не гледа обид за обединување, туку чекор со кој власта уште еднаш ја пропушта можноста за консензус за уставните измени. Сепак не го одбија предлогот на блок.

„Седнале Бујар Османи, Артан Груби, можеби Бојан Маричиќ, напишале документ кој го насловиле Манифест и откако самите го дефинирале, го пуштаат во форма на соопштение преку сервисна служба на СДС до јавноста со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не помрднале ниту милиметар во однос на стратешките интереси на државата, тие покуажуваат отсуство на целосен капацитет за градење на консензус.“ – велат од опозицијата.

Иако планот на власта беше Уставните измени да бидат изгласани до крајот на ноември, кога и завршува скрининг процесот, сепак, владата ја менува реториката. Според Ковачевски, нема рок кога бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав, бидејќи за втората меѓувладина седница, ЕУ ќе го чека овој потег на Македонија. Но, во меѓувреме, тоа значи дека земјава останува зад Албанија, која по скрининг процесот ги отвора кластерите без дополнителни услови кои Македонија ги има соФранцускиот предлог.