Важеше Португалија за голем фаворит против Чешка, но на крајот се намачи да дојде до трите бода.
Херој на Потругалците беше „џокерот“ од клупата Франсиско Консесиао. Имаа многу шанси Португалците, непосредно пред погодокот им беше и поништен гол на Диого Жота поради офсајд.
Иако од почетокот Португалија имаше иницијатива и напаѓаше, Чешка беше таа која прва стигна до водство со голот на Лукас Провод во 62. минута. Португалија сепак се врати само седум минути подоцна. Сопствената мрежа во таа ситуација си ја погоди Хранач.
Во финишот притисна Португалија, а голот дојде во 92. минута откако херојот Консесиао само две минути претходно влезе во игра.
Сепак вреди да се напомене дека на победничкиот гол на Португалија ѝ претходеше голема судиска грешка на италијанскиот судија Марко Гвида. Имено, главниот судија не досуди чист фаул за Чешка, а само неколку секунди подоцна Португалците го постигнаа победничкиот гол. ВАР не се прегледуваше.
Видеото можете да го погледнете на СЛЕДНИОТ ЛИНК.
Италијанските судии досега се покажаа како најслаба алка на Европското првенство. Покрај вечерашната грешка на Гвида, лошо судење пред неколку дена приреди и најдобриот италијански судија Даниеле Орсато на мечот меѓу Англија и Србија, кога имаше неколку несфатливи грешки за судија од негов калибар.
Орсато тогаш не го виде ударот на Џуд Белингем кон Филип Костиќ, за што Англичанецот требаше да добие барем жолт картон, а потоа Орсато не сакаше ни да прегледува ВАР снимка за потенцијален пенал врз Александар Митровиќ, иако имаше и тоа како основа барем да ја прегледа снимката, па потоа да донесе одлука.