Младата пејачка Славица Ангелова од Македонија е победник на шоуто „Ѕвезде Гранда 2023“. По деветмесечна борба меѓу кандидатите, според публиката, триумфираше Славица Ангелова која беше во тимот на Ѓорѓе Давид, пишува еден од одечките босански медиуми „Кликс“.
Во финалето и се придружи Драган Ѓуриќ од Босна и Херцеговина. Славица во финалната вечер освои 88.367 гласови, додека вицешампионот Драган Ѓуриќ 71.747. По објавувањето, Славица ја отпеа песната на Парни ваљко „Угаси ме“, а на сцената и се придружија и останатите натпреварувачи.
– Сепак, многу гледачи не се задоволни од тоа што Славица победи. Некои сметаат дека се било наместено и истакнуваат дека оваа пејачка била невидлива во текот на целото натпреварување, пишува „Кликс“.
„Ова само за да не победи Босна“, „Срамота. Најлошото издание на „Ѕвездите на Гранд“ досега“, „Не ја забележав победничката цела сезона“, „Босна имаше седум натпреварувачи во финалето, па гласовите беа поделени. Драган и Мартина беа многу подобри“, „Претходно победниците освојуваа албум и стан во Белград. Сега добиваат песна и автомобил од 20.000 евра. Тоа говори колку е паднато натпреварувањето“, „Демек не беше наместено, а Ѓорѓе Давид го имаше подготвено знамето на Македонија“, беа реакциите на незадоволните гледачи, пишува „Кликс“.
За потсетување, Босна и Херцеговина досега имаше осум победници во ова шоу и тоа Амар Јашарспахиќ- Гиле, Мирза Селимовиќ, Харис Берковиќ, Ибро Бублин, Анид Ќушиќ, Џејла Рамовиќ, Махир Мулалиќ и Нермин Ханџиќ.