Самохраната мајка Љубица Ј.(37) од Јагодина доживеала голема непријатност минатата недела кога се одмарала на грчка плажа во Неа Флогита, омилена дестинација и на многу Македонци.
Сопственикот на пансионот во кој престојувала со двете малолетни деца Марко (10) и Дуња (5) ја избркал од објектот само затоа што јадела колачиња кои не ги купила на лице место на плажата која е дел од ова сместување.
Своето незадоволство Љубица го сподели во една од групите на „Фејсбук“ каде туристи од Србија, но и од целиот регион споделуваат искуства поврзани со одморите во Грција, а Љубица за Нова.рс раскажува дека се’ уште не може да поверува што ѝ се случило.
По нејзиното искуство, на социјалните мрежи почнаа да се откриваат некои „нови правила“ на грчките ресторани, поради што на туристите им се крена косата.
„Секоја година одиме на одмор и вакво нешто никогаш не ни се случило. Престојувавме во еден пансион каде имавме појадок и вечера, а за ручек се снаоѓавме-или јадевме на плажа или одевме во ресторан, сеедно. Понекогаш ќе купевме нешто во градот, па го јадевме во пансионот. А потоа еден ден не’ пречека сцена како од хорор филм“, се присетува Љубица.
Четвртиот ден од одморот таа и децата на плажата извадиле колачи кои ги купиле попатно.
„Децата видоа колачи во слаткарница и иако имавме разновидни чајни бисквити за појадок во хотелот, тие сепак сакаа нешто поинакво. На сите им купив по две торти, ни ги спакуваа, добивме вилушки и се упативме на плажа. Штом стигнавме, ја отворивме пластичната кутија и почнавме да ги јадеме. Токму во тој момент се појави еден дечко кој ни рече да ги спакуваме колачиња во кеса бидејќи е строго забрането да се јаде храна што не е купена на плажа“, раскажува оваа туристка.
И таа и децата, како што вели, останале запрепастени од потегот, но сепак ја сфатиле ситуацијата.
„Прашав зошто, а тој ми одговори дека политиката на хотелот е таква што на оваа плажа, каде што, инаку, пливаат гости од друг хотел, е забрането да се јаде храна што не е од нивниот локал и ресторан. Добро, иако одговорот ми е тотално глупост, децата се деца, што има лошо во грицкањето, но во ред. Тоа е како кога ќе влезеш во ресторан да се напиеш нешто, а од чантата ќе извадиш жу жу погачици или нешто слично. Сфаќам, навистина“, вели Љубица.