Игрите на среќа станаа привлечни за голем број луѓе. Низ целата планета, среда, петок или сабота со нетрпение се очекува да се извлечат бројки кои носат милиони. На нив се надеваше и пар од Англија, кога биле изненадени од радосната вест.
Рејчел Кенеди (19) и Лиам МекКроун (21) од Хертфордшир играле исти броеви пет недели по ред – 6, 12, 22, 29, 33 и 11 и овие бројки беа извлечени во петокот како дел од меѓународната лотарија Јуромилионс, пишува „Сан“.
На сметката на Рејчел имале траен налог за автоматско плаќање на билети секоја недела, но бидејќи немала доволно пари на сметката, уплатата за претходната не била извршена.
Сепак, апликацијата и покажала дека нејзините вообичаени бројки се извлечени и таа се надевала дека ќе станат милионери.
– На апликацијата пишуваше „добитна комбинација“ и мислев дека го добивме џекпотот. Ги поканив Лиам и мајка ми во собата и тие исто така не можеа да поверуваат. Решивме веднаш да им се јавиме. Го свртев бројот мислејќи дека освоивме 182 милиони фунти, ми рекоа дека ги имам точните броеви, но дека немам доволно пари на сметката, така што мојот постојан налог за плаќање билети не можел да се изврши. Во еден момент бев на врвот на светот, а кога дознавме што се случи, Лијам беше повеќе вознемирен од мене, рекла Рејчел.
Лијам веќе почнал да планира што да прави со парите кога ја дознале веста.
– Беше прилично опуштена, но јас веќе ги потрошив сите пари во мојата глава. Целосно ме скрши кога човекот по телефон рече дека плаќањето не поминало. Веќе ја замислував нашата куќа и автомобилот од соништата, искрено, малку ми требаше – призна тој.
Рејчел сега смета дека бројките што ги одиграле досега се несреќни и решиле да изберат други за следното извлекување.
– Пет недели по ред игравме исти бројки, но всушност имаме две комбинации на бројки кои ги играме. Едната комбинација се нашите семејни родендени, а другата се по случаен избор броеви и таа комбинација беше победничка. Тие бројки повеќе нема да ги користиме. Никогаш ништо не сум освоила и немам многу среќа кога се работи за такви работи, заклучила Рејчел.
„Нивниот“ џекпот на Јуромилионс го освои добитник од Швајцарија.