Строго ќе се проверува почитувањето на оваа мерка, а прекршоците ќе се казнуваат со парични казни до 1.450 евра.

Поради големиот број на заболени од ковид-19, денеска во Австрија стапи на сила карантинот за невакцинираните, чие прекршување ќе се казнува со 1.450 евра, а владата размислува и за воведување полициски час.

Бројките во Австрија се зголемуваат, повеќе од 11.552 случаи на инфекција се регистрирани во неделата, а седумдневната инциденца на 100.000 луѓе се искачи на речиси 850.

Од денеска, на луѓето кои не биле вакцинирани или прележале ковид во Австрија, им е дозволено да го напуштат станот само во исклучителни случаи, како што се купување намирници, посета на лекар или аптека или одење на работа.

Казни до 1.450 евра

Строго ќе се проверува почитувањето на оваа мерка, а прекршоците ќе се казнуваат со парични казни до 1.450 евра.

Мерките за изолација ќе бидат во сила во почетниот период од десет дена и се усвоени од провинциските и федералните влади, но канцеларот Александар Шаленберг рече дека некои провинции се слободни да постават уште построги правила.

Дополнителни правила во Виена

Главниот град Виена веќе најави дека ќе воведе дополнителни правила со кои се бара ПЦР тест од вакцинирани и оздравени граѓани кои излегуваат ноќе во затворени простории и на сите настани на кои присуствуваат повеќе од 25 луѓе.

Се надеваме дека ова ќе ја поттикне вакцинацијата. Досегашното заострување на мерките веќе доведе до скок на вакцинацијата, рече канцеларот.

Во Австрија моментално се вакцинирани околу 65 отсто од населението.

Размислуваат и за воведување полициски час

Австриската влада размислува и за воведување полициски час во текот на ноќта. Одлуката за овој потег, која ќе се однесува на целата земја, ќе биде донесена во среда, изјави австрискиот министер за здравство Волфганг Муекштајн во неделата вечерта во емисијата „ZiB2“ на „ORF“.

Ограничувањето ќе важи од 22 часот, рече тој.